Интервју со М-р. фарм. Марија Гаралоска

 

На почетокот на месец јули при наша посета на аптеки во пелагонискиот регион, го посетивме градот под Марковите кули. Таму поразговаравме со Марија Гаралоска, сопственичка на Аптека Фармед - Прилеп. Прочитајте што има Марија да каже на тема фармација, но и што таа препорачува во овие енормно топли денови. Целиот разговор Ви го пренесуваме во целост.

Како започна приказната со Аптека Фармед – Прилеп?

- Приказната започнува во 1993 година кога е отворенa аптеката, како семеен бизнис од страна на мојата сега покојна мајка. Јас сум израсната во аптеката и цело искуство го имам стекнато во истата.

Што ве инспирираше да ја одберете фармацијата за ваша професија?

- Главната инспирација доаѓа директно од мојата мајка, која исто така беше врвен фармацевт. Таа ми ја пренесе љубовта кон оваа хумана професија. По завршувањето на средното фармацевтско училиште во Битола, а потоа и Фармацевтскиот факултет во Скопје, одма се вработив во аптеката.

Која е вашата филозофија во однос на работата и пристап кон пациентите што ја пренесувате на вработение?

- Мојата филозофија секогаш гравитира околу љубезноста, срдечноста и почитта кон секој пациент. Со секој пациент мора да си трпелив, да го ислушаш внимателно за да можеш полесно да му помогнеш. Најважен е позитивниот став и искрената насмевка.

Што мислите, што е тоа што пациентите највеќе го препознаваат во вашето работење?

- Мсилам дека тоа е директната фармацевтска грижа, без разлика на пол, возраст и вера. Се трудам секојдневно да бидам што повеќе насмеана и позитивна во ова време невреме.

Членка сте на Аптеки Plus Pharma маркетинг концептот кој постои на пазарот веќе 5 години, сметате ли дека е неопходен заеднички настап на пазарот за поголема видливост и препознатиливост и поголем бенефит за пациентот?

- Да! Сметам дека е потребен заеднички пристап на пазарот за да може пациентот да ги препознае вистинските и квалитетни лекови. Сите пациенти нѐ препознаваат како Аптека Plus Pharma и доста од нив ни се лојални поради квалитетот кој го препознаваат во истата.

Во сезона на енормно топли температури, што би препорачале во однос на превенција?

- Во сезона на топло време препорачувам да се конзумира голема количина на вода, овошје, лесна храна и прошетки кога ќе се намали интензитетот на сонцето, а кога се оди на плажа задолжително да се користи заштитна крем со висок фактор.

Со оглед на тоа дека секојдневно поминувате многу време со пациенти, ви останува ли време и енергија за себе надвор од вашата професија?

- Слободното време го поминувам со фамилијата, а хоби некое поспецифично немам. Обожувам да гледам филм (трилер посебно) серии, а исто така следам и многу сакам да гледам фудбал.