Интервју со Дипл. Фармацевт Јулијана Златева

 

Деновиве при наша рутинска посета на аптеки во источниот регион од државата, ја посетивме аптека Биофарм - Штип. Таму поразговаравме со сопственичката Јулијана Златева на повеќе теми поврзани со фармацијата. Разговорот Ви го пренесуваме во целост. Прочитајте што има Јуле да каже во врска со фармацевтскиот пазар, како таа започнала да гради кариера и што им препорачува на идните генерации.

Како започна приказната со АПТЕКА БИОФАРМ?

Љубовта кон професијата и поривот за успех беа главен мотив за отворање на нашата прва аптека во 1998 година, тогаш бројот на приватни аптеки не беше толку голем како денес. Понатаму, во 2004 година ја отворивме втората, а во 2015 година ја отворивме и третата аптека, но како рурална аптека надвор од Штип. Љубовта и енергијата кон работата се исти како од првиот работен ден, а сериозната посветеност трае до ден денес, се разбира благодарение на поддршката од семејството и секако посветеноста на вработените.

Како се носевте со предизвиците што ги наметнува брзиот прогрес на фармацевтскиот пазар од времето на вашите почетоци до сега?

- Не беше лесно да се опстои сите овие години, особено во последниот период кога немаше единствени цени на лековите, а ланците на аптеки правеа нелојална конкуренција во работењето, која и до ден денес е забележителна. Ние го работевме тоа што нас од секогаш ни беше приоритет, а тоа e фокусот кон пациентите. Уште тогаш, а се до ден денес, пациентите умеат да ја препознаат нашата посветеност и да ни ја дадат нивната доверба. Таа доверба е мојот двигател да чекорам секогаш напред и да внимавам да не ги изневерам.

Во ново настанатата ситуација на вирусна пандемија, колку е удобно да се биде фармацевт?

- За удобност тешко е да разговараме во оваа ситуација. Вистина е дека се дадовме целосно на услуга на пациентите. Кога докторите ги ограничија можностите за личен контакт, ние останавме тука исправени и спремни да им помогнеме, ставајќи ги на ризик и нашите животи, но така се сака и оправдува професијата фармацевт. Од вака поставените стандарди, сакам да истакнам дека професионалниот однос со пациентите, секогаш води до подобрување на нивното здравје. Правилно дадениот совет и насмевката на фармацвтот се клучните моменти кои ке дадат надеж за секој пациент.

Која е вашата филозофија во однос на работата и пристап кон пациентите што ја пренесувате на вработение?

- Приоритетот уште од почетокот на моето професионално делување, беше свртен кон правилното пласирање на сите информации околу делувањето и употребата на лековите. Ваквиот однос кај пациентите правеше задоволство за повторно да се вратат. Истото се случува и сега, а така ги советувам и моите колеги. Пораката ја упатувам и до младите фармацевти кои се на почетокот од нивната кариера. Градењето на добра релација со пациентите е од непроценлива вредност, тоа допринесува за стекнување на довербата. Работењето во аптека е базата во фармацијата, а континуираната едукација и неуморната работа на себе е нешто на кое треба да се посветува големо внимание. Кога си управител, си одговорен за се. И покрај целата количина на административна работа, никогаш не се заборавајте себе и вашата примарна работа, а тоа е работата со пациентите и грижата за нив.

 

Во време на ковид пандемија и сезона на грип кој се вашите препораки за зајакнување на имунитетот, што би препорачале во однос на животен стил и навики а што во однос на суплементи?

- Препораките во време на оваа пандемија веќе сите ги знаат и убаво се познати. Се надевам ќе остане врежано во меморијата дека имунитетот, неговото градење и одржување е основниот браник кој не штити од сите заболувања, а не се гради за еден ден. Им препорачувам на сите, постојано да работат на подобрување на животниот стил, да градат здрав однос кон исхраната, а физичката актвивност да ја практикуваат редовно.

Биофарм Аптеките се едни од ретките кои имаат сопствено ексклузивно застапништво, кажете ни нешто околу тоа?

- Веќе 20 години сме застапници на хрватскиот бренд Биофарм, со цел природните препарати да ги доближиме кон луѓето.

Членка сте на Plus Pharma маркетинг концептот кој постои на пазарот веќе 5 години, сметате ли дека е неопходен заеднички настап на пазарот за поголема видливост и препознатливост и поголем бенефит за пациентот ? Која од маркетинг опциите што ви се на распологање преку Plus Pharma, сметате дека дава најголем придонес во работата на аптеката како бизнис?

- Дефинитивно заедничкото настапување на пазарот носи кон поголем бенефит, како за пациентите така и за самите аптеки. PlushPharma како маркетинг концепт е одличен. Бренд имиџот и надворешното уредување на аптеките е навистина со примамлив европски стил, а исто така и останатите алатки како што се маркетинг на социјалните медиуми и списанието се доста интересен простор каде аптеките и пациентите се надополнуваат со своите интереси.

Со оглед на тоа дека секојдневно поминувате многу време со пациенти, ви останува ли време и енергија за себе надвор од вашата професија?

- Со добра организација наоѓам време за себе и надвор од професијата. За мене лично, семејството е столбот на живеењето и секое време поминато заедно со нив е вистинско богатство. Љубител сум на природата па скоро секој викенд го поминувам во нашата викендица. Таму обожувам да прочитам добра книга, а и да приготвам некој специјалитет за моите најблиски.