Зошто инфекциите на уринарниот тракт се почести во лето и како Д-маноза може да помогне

 

Летото е омилената сезона на сите генерации. Топлото време, патувањата, плажата, пливањето и престојот на отворено носат многу убави моменти, но кај жените кои се поподложни на уринарни инфекции, токму во овој период често се зголемува бројот на уринарни тегоби.

Иако високите температури сами по себе не предизвикуваат уринарни инфекции, одредени летни навики го зголемуваат ризикот. На пример недоволниот внес на течности, доведува до поретко одење во тоалет, а бидејќи редовото празнење е она што ги ‘изнесува’ бактериите од уринарниот тракт, се создава погодна средина за размножување на бактериите. Дополнително, подолгото носење на мокар костим за капење и одложувањето на одењето во тоалет за време на патување исто така може да придонесат за појава на инфекции.

 

Најчесто уринарните инфекции се предизвикани од бактеријата Escherichia coli, која природно живее во цревата. Кога ќе навлезе во уринарниот тракт, таа може да стигне до мочниот меур и да се прикачи на неговата слузница. Со нејзиното размножување се појавуваат карактеристичните симптоми: печење и болка при мокрење, честа потреба за мокрење, непријатност или болки во долниот дел на стомакот, како и заматена урина со непријатен мирис.

 

Што е Д-маноза?

Д-маноза е природен прост шеќер, структурно сличен на гликозата. По внесувањето, брзо се апсорбира во тенкото црево, преку крвотокот стигнува до бубрезите и во најголем дел се излачува непроменета преку урината. Поради тоа, генерално има минимално влијание врз нивото на гликоза во крвта.

Бактеријата E. coli има ситни влакнести израстоци, наречени фимбрии, со кои се прикачува на слузницата на мочниот меур. Д-манозата се врзува за овие фимбрии спречувајќи ја бактеријата да остане прикачена на слузницата, по што таа полесно се исфрла со урината.
Важно е да се знае дека Д-манозата не е антибиотик и таа не ги уништува бактериите, туку само помага тие полесно да се исфрлат, со што се намалува нивната концентрација.

 

 

 

 

 

 

Дозирање:

Најчеста препорачана дневна доза изнесува од 500mg до 2000mg, во зависност од потребата и препораката.

Д-манозата често се комбинира со брусница, бидејќи и двете состојки придонесуваат за намалување на прилепувањето на бактериите за слузницата на уринарниот тракт и нивно полесно исфрлање.

 

Како да го намалиме ризикот од уринарни инфекции во лето?

-Пијте доволно течности, особено вода.

-Не го одложувајте мокрењето.

-Влажниот костим за капење променете го што е можно поскоро.

-Правилна интимна хигиена.

-Носете памучна удобна долна облека, која не е премногу тесна.

Грижата за здравјето започнува со секојдневните навики. Со навремена грижа, ризикот од уринарни инфекции може значително да се намали, а летните денови да поминат без непријатни тегоби.