Кардиоваскуларниот систем е систем кој го сочинуваат срцето, крвните садови (артерии и вени- од големите крвни садови, до најмалите-капиларите) и крвта. Под кардиоваскуларно здравје подразбираме здравје на нашето срце и крвни садови.
Кардиоваскуларното здравје е многу важно затоа што кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени заболувања кај населението и се водечка причина за смртност. Воедно се смета дека, човек е стар онолку колку што е стар кардиоваскуларниот систем.
Терминот "кардиоваскуларни заболувања - КВЗ" подразбира генерален термин за опис на заболувања на срцето и крвните садови. Ризик факторите за појава на кардиоваскуларни заболувања се делат на немодифицирачки и модифицирачки. Немодифицирачки ризик фактори се оние на кои не можеме да делуваме и тука спаѓаат: возраст ( ризикот од КВЗ расте прогресивно со возраста), пол (ризик од КВЗ е повисок кај машкиот пол), генетски фактор. Модифицирачки ризик фактори се ризик фактори на кои можеме да делуваме, да ги контролираме, да ги лекуваме или да го модифицираме нивното влијание и тука спаѓаат: хипертензија, дислипидемија, пушење, дијабетес, обезност, физичка неактивност, начин на исхрана, психосоцијални фактори.
Најдобрата диета за спречување на срцеви заболувања е онаа која е богата со овошје и зеленчук, цели зрна, јаткасти плодови, риба, растителни масла, но и максимална редукција на конзумација на алкохол, црвено и преработено месо, рафинирани јаглехидрати, храна и пијалоци со додаден шеќер, натриум и храна со транс масти. Исто така важен аспект е општата редукција на калориски внес и редукција на телесна тежина. Внесувањето на помалку солена храна, а повеќе храна богата со калиум може значително да го намали ризикот од кардиоваскуларни болести. Иако не постои „магична“ храна која го намалува ризикот од развој на срцеви заболувања, постојат некои докази дека некои намирници се важни за здравјето на срцето, како: храна богата со омега-3 масни киселини (намалува триглицериди и го регулира нивото на LDL и HDL-холестерол), овошје и зеленчук (важен извор на фолати, кои помагаат во намалување на нивото на аминокиселината хомоцистеин во крвта, која се чини дека е поврзана со зголемен ризик од срцеви заболувања), храна богата со растителни влакна, нерафинирани извори на јаглехидрати со ниско гликемиско оптоварување (како што се интегрален леб, житарки, мешунки, одредени видови ориз и тестенини).
Витамините и минералите земени во соодветни дози може да помогнат во намалувањето на ризикот од срцеви заболувања. Додатокот во исхрана не може да ги надомести нездравите навики во исхраната, но понекогаш дури и луѓето кои имаат здрави навики во исхраната не целосно ги задоволуваат дневните потреби, па додатокот во исхрана во модерниот живот често е неопходен.
Бројни студии укажуваат на позитивна поврзаност помеѓу земање суплементи - витамини и минерали и превенцијата на срцеви заболувања. Суплементите - витамини и минерали имаат бројни здравствени придобивки.
Коензимот Q10 (CoQ10) е супстанца слична на витамин, кој се наоѓа во секоја клетка од телото. Нашето тело произведува CoQ10, а нашите клетки го користат за да произведат енергија што му е потребна на нашето тело за раст и одржување на клетките. Функционира и како антиоксиданс, кој го штити телото од оштетување предизвикано од штетните молекули.
Ниски концентрации на магнезиум се поврзани со ризик фактори за КВЗ како што се: висок крвен притисок, акумулација на артериски наслаги, калцификација на меките ткива, холестерол и ригидност на артериите.
Омега-3 полинезаситените масни киселини (EPA (еикозапентаноична киселина) и DHA (докозахексаноична киселина)) се наоѓаат во маслото од одредени видови риба, зеленчук и други растителни извори. Овие масни киселини не се создаваат во организмот и мора да се консумираат со исхраната или преку додатоци, честопати „рибино масло“.
Постојат неколку потенцијални механизми за поволните ефекти на омега-3 масните киселини врз целокупното кардиоваскуларно здравје. Омега-3 масните киселини ги намалуваат нивоата на триглицеридите и ги зголемуваат нивоата на липопротеини со висока густина (т.е. добриот холестерол). Тие исто така можат да ја намалат агрегацијата односно слепувањето на тромбоцитите, со што имаат превентивно својство од „затнување“ на коронарните артерии и несакан настан. Омега-3 масните киселини го намалуваат ризикот од аритмии. Омега-3 масните киселини, исто така, можат да ја подобрат еластичноста на артериите, да ја успорат артериосклерозата преку нивните ефекти врз метаболизмот на холестеролот, но и да ги намалат воспалителните процеси во крвниот сад, како и воспалителните маркери во телото, а со тоа да ја успорат атеросклерозата.
Црвениот ориз се добива со ферментација на квасец од ориз. Со процесот се збогатува оризот со природна активна компонетна наречена монаколин К, слична на lovastatin. Монаколин К помага да се намали холестеролот во крвта.
Екстракт од лук може благо да го намали крвниот притисок и да го забави таложењето на наслаги (плак) во артериите.
.jpg)





